Фудбалскиот клуб Челзи го назначи Рис Џејмс за нов капитен пред почетокот на новата сезона во Премиер лигата.
Џејмс (23) Челси е од шест годишна возраст, ја мина клупската академија, за првиот тим дебитираше пред четири сезони.
„Оваа одлука ја донесовме јас и клубот. Многу сме задоволни што Рис ќе го води тимот оваа сезона. Тој е пример за сите и неговиот став и посветеност кон Челзи беа јасни за време на подготовките. Тој гордо ја носеше лентата на раката. за време на нашата турнеја и ќе го преземе предизвикот да го води тимот со својот пристап и идеи“, изјави тренерот на Челзи, Маурисио Покетино за клупската веб-страница.
Џејмс капитенската лента ја наследи од долгогодишниот капитен Цезар Аспиликуета, кој летово го напушти клубот како слободен играч и се пресели во Атлетико Мадрид.
Рис Џејмс за Челзи досега одигра 147 натпревари и постигна 11 голови. Ја освои Лигата на шампионите, Суперкупот на Европа и Светското клупско првенство.
Тој ја помина сезоната 2018/2019 како позајмен во Виган, а дебитираше за првиот тим на Челзи во сезоната 2019/2020 под тренерот Френк Лампард.
Неговата сестра Лорен игра за женскиот фудбалски клуб Челзи.
Натпреварувањето во Премиер лигата Челзи ќе го започне в недела на домашен терен во натпреварот против Ливерпул.
Chelsea captain. 💙 pic.twitter.com/tS7s8iX4aU
— Chelsea FC (@ChelseaFC) August 9, 2023