Македонскиот капитен, Стефан Ристовски вели дека репрезентацијата полека се навикнува да ги игра мечевите под притисок, откако со 3:1 го совладавме Исланд и така првпат во историјата се пласиравме на бараж за настап на едно Светско првенство.
За мундијалскиот сон ни се потребни уште две победи, потенцијално против многу посилни репрезентации од Исланд, меѓутоа, со единството кое е постигнато во тимот, ништо не е невозможно.
„Македонија не е навикната да игра вакви натпревари, за настап на Европско, за бараж на Светско првенство, но мислам дека ги отворивме очите на фудбалскиот свет. Денеска Македонија е загушена од многу работи, и затоа ми е драго што го израдувавме народот. Во нашата соблекувална нема бел, црн, нема Албанец-Македонец, има еден дрес за кој играме и тоа го покажуваме“, вели Ристовски.
Фото: ФФМ