Поранешната ѕвезда на Барселона, Ривалдо вели дека Лионел Меси е најдобриот играч на светот, но исто така додава дека Кристијано Роналдо ја заслужи „Златната топка“ по фантастичната сезона со Реал Мадрид.
Пред „Ел класико“ во сабота попладне, Реал има 72 победи во 174 дуели во Ла лига со Барса и имаат поголем број на трофеи од каталонскиот тим, но оваа сезона Барселона избега дури 11 поени. Дуелот повторно ќе ги судри Меси и Роналдо, и Ривалдо, кој освои две титули со Барселона, признава дека Аргентинецот е подобриот фудбалер.
„Навистина посакувам да добиев шанса да играм со Меси, тоа ќе беше неверојатно. Тој е најдобар на светот, тој што најмногу прави разлика на теренот. Роналдо? Тој е најопасниот играч на Реал и многу е тешко да го сопреш. Двајцата постигнуваат повеќе голови и никогаш не знаеш што да очекуваш од нив“, вели Ривалдо.
Роналдо овој месец ја освои петтата „Златна топка“, израмнувајќи се со Меси, но Ривалдо вели дека во „негово време“, тој не би стигнал до толку трофеи.
„Ако Роналдо победи, тогаш тоа го направи бидејќи го заслужуваше. Во мое време имаше повеќе фудбалери кои беа во игра за титулата најдобар на светот. Се сеќавам на Фиго, Дел Пјеро или Тоти… Сега, слушате само за истите луѓе – Меси и Роналдо. Сигурен сум дека би можел против нив, бидејќи фудбалот беше потежок кога јас играв. Не сакам да предизвикам контроверзи, но тогаш имаше повеќе квалитетни играчи“, додава 45-годишниот Ривалдо.