Фудбалерите на Ривер плата како гости славеа кај најголемиот ривал Бока јуниорс со 2:0. Градското дерби, популарно наречено, „Супер класико“ го решија Мартинез и Скоко со два брилијантни гола.
Гонсало Мартинез првиот гол го постигна по 15.минути игра. Играчот на Ривер плата, на левата страна од теренот, со прекрасен волеј, го погоди спротивниот агол од голот на Бока јуниорс.
Стрелецот на првиот гол, десет минути подоцна поради повреда го заврши својот настап во „Супер класико“.
На вториот гол се чекаше до 69.минута, кога Игнасио Скоко испрати вистински проектил кон голот на Роси и го постави конечниот резултат. Скоко во игра влезе пет минути претходно на местото на Прато.
Двата тима по четири кола, во првенството, имаат по 10 бода.
Инаку, Ривер плата трет пат во низа го победи најголемиот ривал. Две од тие три победи се забележани на стадионот на Бока јуниорс.