Еден од најдобрите холандски фудбалери во последните 15 години, Аријан Робен, по втор пат замина во пензија. Робен се пензионираше во дресот на Баерн, направи пауза од една година, а минатото лето се врати во тимот на Гронинген. Сега решил дека е вистинскиот момент навистина да се пензионира.
„Фудбалското срце сакаше да продолжи, но одлуката да ја прекинам кариерата е праведна и реална. Од денес повеќе не сум фудбалер. Ќе останам голем навивач на Гронинген“, рекол Робен.
Минатата сезона, Робен за Гронинген одигра само седум натпревари, не успеа да постигне гол.
„Гледајќи ја минатата сезона, исправно заклучив дека разочарувачки е колку минути минав на теренот“.
Покрај во Баерн и Гронинген, Робен во кариерата играл во Челси, Реал и ПСВ Ајндховен.