Роберто Карлос инсистира дека Бразил се првите фаворити за освојување на титулата на Светското првенство во Русија, и посочува дека Нејмар ќе блесне на првенството.
Легендарниот лев бек на Реал Мадрид и на „Селесао“, вели дека е време Бразил повторно да победува по засрамувачкиот 7:1 пораз од Германија во полуфиналето на домашен терен пред четири години. Карлос вели дека со Тите на селекторското место, петкратните шампиони ќе станат шесткратни.
„Бразил се фаворити, тоа е сигурно. Јас сум Бразилец и сакам да го освоиме Мундијалот, но реално, ако ја погледнете бразилската репрезентација можете да забележите дека никој не игра како нив. Имаме вистински тим, не се работи само за Нејмар. Покрај тоа, имаме одличен тренер и затоа сме фаворити. Кога ќе загубите како ние во 2014 година, мора да направите нов почеток. Русија е совршено место за тоа“, вели Роберто Карлос за „Омниспорт“.
44-годишниот Карлос верува дека Бразил ќе ги изненади сите во Русија. Бразил е во група со Швајцарија, Костарика и Србија.
„Една репрезентација со пет титули мора да дојде до шестата. Шпанците имаат една, но и добар тим, но сите знаат како игра Шпанија. Бразил има нов начин на играње фудбал и тоа ќе биде изненадување за сите“, додава Карлос.
Фото: ЕПА