Поранешниот фудбалер на Манчестер сити и Реал Мадрид, Робињо, во моментов настапува за Атлетико Минеиро во бразилската лига, но уште добро се сеќава на времето поминато во Англија.
33-годишниот Робињо дојде во Манчестер за 32.5 милиони фунти од Реал Мадрид, и стана најплатениот играч во Премиер лигата со 160.000 фунти неделно. Како тинејџер во Сантос, тој беше „промовиран“ во наследник на Пеле, и дури носеше прекар Пелезињо (мал Пеле). Во Сити тој беше сакан, а љубовта очигледно беше взаемна.
„Ми се допаѓаше Манчестер. Клубовите, рестораните и да не ги заборавиме дискотеките. Знам дека имав имиџ на човек кој сака забави и тоа е точно. Но, англиските момчиња беа полуди од мене. Џо Харт постојано се забавуваше, Мајка Ричардс исто така, а да не го заборавиме и Шон Рајт-Филипс. Но, кога ќе излезевме Бразилците, веднаш не ’фаќаа’“, вели Робињо во интервју за „Дејли мејл“.
Робињо беше првото големо засилување во ерата на шеиците во Манчестер сити.
„Пред да дојдам луѓето не го почитуваа Сити, но сега е поинаку. Зборував неколку пати со шеикот Мансур и тој ветуваше дека ќе ги донесе Кака и Лионел Меси. Мислам дека тоа беше преамбициозно, но верував во проектот. Шеикот имаше амбиција да создаде најсилен тим на светот и видете ги сега Сити. Го имаат најдобриот менаџер и можат да се борат со секого“, вели Робињо.
Во 2010 година, откако на менаџерското место во Сити Марк Хјуз беше сменет со Роберто Манчини, Робињо се врати во Сантос.
„Роберто Манчини не сакаше да го искористи мојот потенцијал. Морав да играм за да бидам на СП и затоа се вратив во Бразил. Манчини ми даде премногу дефанзивни обврски и тоа ме ограничи. Сакам да бидам слободен, но искрено сакав да останам бидејќи знаев дека клубот само ќе расне“, додава Робињо.