Рој Кин го отпиша актуелниот шампион Ливерпул од трката за титулата во Премиер лигата. Поранешниот капитен на Манчестер Јунајтед, тврди дека тимот на Арне Слот е во криза по тешкиот пораз од 3.0 кај Манчестер Сити.
„Граѓаните“, му го честитаа големиот јубилеј на менаџерот Пеп Гвардиола, со убедлива победа, во која стрелци беа Ерлинг Халанд, Нико Гонзалез и Жереми Доку.
Ливерпул, по овој пораз има осум бода помалку од лидерот Арсенал, ова беше нивниот четврти последователен пораз на гостински терен во лигата, што не им се случило од 2012 година.
„Не можете да го сметате Ливерпул за претендент за титулата. Сити ме потсети на стариот Манчестер Сити. Тие беа извонредни. Се вратија во трката за титулата“, рече Кин во анализата за „Скај Спортс“.
„Ливерпул е во криза. Во ред е да се изгуби од клуб како Манчестер Сити, тоа е тежок натпревар на гостински терен. Но, да се изгубат седум од десет натпревари, со веќе пет порази во лигата, тоа мора да е криза за клуб како Ливерпул. Ливерпул изгледаше како слаб тим.
Тренерот рече дека е задоволен од второто полувреме, кога натпреварот беше решен. Лесно е да се игра добро кога играш за ништо. Сити изгледаше посилен, технички подобар и физички помоќен од Ливерпул. Немаше интензитет и енергија во играта на ливерпул. Замените беа слаби.“
