Поранешниот капитен Рој Кин смета дека Хери Кејн навистина го „сака“ Манчестер јунајтед и не би бил изненаден ако се случи трансфер од Тотенхем ова лето.
Шпекулациите околу иднината на англискиот фудбалер се зголемија последните месеци, и се очекува искусниот напаѓач барем да размислува за смена на клубови за да освои трофеи. Се тврди дека Тотенхем нема да можат да го заддржат доколку не влезат во Лигата на шампионите, а шансата за вакво нешто е минимална по 3:1 поразот од Јунајтед во неделата. Рој Кин смета дека е потребна промена.
„Мислам дека Кејн денеска ќе го погледне овој тим на Јунајтед и ќе сфати дека направиле прогрес во последните 12 месеци. Сигурно си мисли: ‘Би бил прв човек во нападот на Манчестер јунајтед’. Со таква улога, сигурен сум дека го сака Јунајтед. Кога би бил во тимот на Јунајтед, титулите би биле достижни. Јунајтед ја намалија разликата до Сити, но со Кејн во тимот би направиле голем чекор. Мислам дека Манчестер јунајтед уште можат да привлечат големи имиња“, вели Кин.