Аталанта доживеа дебакл на домашен терен од Рома (1:4), во дерби мечот одигран во 18.коло, во Серија А. Рома до победата ја предводеа Англичаните, Теми Ејбрахам и Крис Смолинг.
Рома, во Бергамо, ја прекина серијата на успешни резултати во која се наоѓаше Аталанта. Екипата на Жозе Мурињо, со оваа победа скокна на петтото место на табелата, додека Аталанта остана на третото место, но сега има шест бода помалку од Интер.
Ејбрахам во првата минута ја најави победата на „волчицата“. Предноста Рома ја зголеми во 27.минута, кога Заниоло го совлада Мусо.
Аталанта успеа да се врати во мечот, во финишот на првиот дел, преку Луис Мјуриел. Колумбиецот осми пат во кариерата постигна гол против Рома.
Во второто полувреме, разликата од два гола ја врати Смолинг. Дефанзивецот во 72.минута со гол се награди за одличната игра. Поранешниот англиски репрезентативец во целост го исклучи од играта на Аталанта, Дуван Запата.
Точка на натпреварот стави Ејбрахам со својот втор гол, во 82.минута.