Top Sport

Рома со важна победа во Москва, Валенсија го зголеми притисокот на Јунајтед (видео)

Рома стигна до тешко извојувана 2:1 победа на гостувањето кај ЦСКА Москва за да го заземе првото место на табелата во групата Г, барем до гостувањето на Реал Мадрид кај Викторија Плзен, додека Валенсија со 3:1 го совлада Јанг Бојс за да го помине Манчестер јунајтед на второто место во групата Х.

„Волчицата“ рано дојде до водство во Русија, откако Костас Манолас уште во четвртата минута беше најснаодлив во скокот по корнер за италијанскиот клуб, меѓутоа Арнор Сигурдсон израмни за „Армејците“ во 50. минута од мечот. Супер-важните три поени ги обезбеди Лоренцо Пелегрини девет минути подоцна откако топката среќно дојде до него.

Сега Рома има 9 поени на првото место, пред Реал со шест, ЦСКА со четири и Викторија со еден поен.

На „Месталја“ пак, Валенсија со двата гола на Мина стигна до 3:1 победа над швајцарскиот Јанг Бојс, за да ја искомпликува борбата на Манчестер јунајтед за место во осминафиналето. Јуве пред вечерашната пресметка со „ѓаволите“ има максимални 9 поени, Валенсија сега е втора со 5, Јунајтед имаат 4, а Јанг Бојс само 1.

Фото: ЕПА

ЦСКА МОСКВА – РОМА 1:2

ВАЛЕНСИЈА – ЈАНГ БОЈС 3:1

Scroll to Top