Во меч кој беше одложен поради катастрофалниот пад на мостот во Џенова, Милан едвај успеа да оствари победа, откако Алесио Ромањоли се „извади“ за автоголот со гол во 91. минута за 2:1 триумф над Грифоне на „Сан Сиро.
„Росонерите“ бргу дојдоа во водство, кога во четвртата минута, Сусо упати вистинска бомба од над дваесет метри за со прекрасен гол да ја потврди својата добра форма.
Меѓутоа, работите не се одвиваа толку добро за тимот на Џенаро Гатузо во второто полувреме, откако во 56. минута, по една акција на Џенова, топката се одби од нозете на Ромањоли и така тој убаво го лобуваше својот голман Џиџи Донарума за израмнување на 1:1. Кога се мислеше дека мечот е готов, Ромањоли постигна уште еден „чуден“ гол за славје на миланезите.
Со победата, Милан се искачи на петтото место во Серија А со 18 поени, 10 помалку од лидерот Јувентус и четири повеќе Џенова, која останува на 11. место.
Фото: ЕПА