Top Sport

Ромеро играч на сезоната во Лига Европа

Фудбалерот на Тотенхем, Кристијан Ромеро, е прогласен за најдобар играч во Лига Европа оваа сезона, објавено е на веб-страницата на натпреварувањето.

Ромеро одигра седум натпревари во Лига Европа оваа сезона, запиша една асистенција и имаше 91 процент точни додавања.

„Тој беше најдобриот играч во финалето против Манчестер јунајтед, доминантен од почеток до крај. Ромеро играше исклучително добро во нокаут фазата од натпреварувањето“, се вели на веб-страницата на Лига Европа.

Тотенхем, во средата ја освои титулата во Лига Европа. Во финалето во Билбао, со голот на Бренан Џонсон во 42.минута го победи Манчестер јунајтед. Ова е прв трофеј за Тотенхем по пауза од 18 години и прв европски трофеј по пауза од 41 година.

Во текот на сезоната, аргентинскиот фудбалер не играше три месеци поради повреда. Ромеро не пропушти ниту една минута од натпреварите во четвртфиналето, полуфиналето и финалето.

Пред капитенот на Тотенхем, наградата за играч на сезоната во Лига Европа ја освоија Пјер-Емерик Обамејанг (2023/24), Хесус Навас (2022/23), Филип Костиќ (2021/22), Жерар Морено (2020/21), Ромелу Лукаку (2019/20) Еден Азар (2018/19) и Антоан Гризнам (2017/18).

Scroll to Top