Легендарниот Бразилец Роналдињо Гаучо еден месец мина во затвор во Парагвај. Сега тој се наоѓа во домашен притвор и го чека судењето во оваа земја. Роналдињо и неговиот брат Роберто Асис беа затворени бидејќи во Парагвај влегле со фалсификувани пасоши.
Поранешниот играч на ПСЖ, Барселона, Милан…прв пат проговорил за сѐ што му се случувало откако бил уапсен од парагвајската полиција.
„Не можевме да поверуваме кога видовме дека документите се фалсификувани. Од тој момент нашата намера беше да соработуваме со судовите за да ја разјасниме целата ситуација“, рекол за парагвајскиот медиум „АБЦ“, Роналдињо.
„Тешко ми падна кога ми стана јасно дека морам да одам во затвор. Никогаш себе си не се гледав во една ваква ситуација. Целиот живот се обидував со напорна работа да го достигнам највисокото ниво“.
Тој опишал како го поминувал времето зад решетки.
„Играњето фудбал, потпишувањето автограми и фотографирањето секогаш биле дел од мојот живот. Немав причина да престанам да го правам тоа само поради тоа што сум во затвор. особено што бев со луѓе кои исто како мене минуваа тешки денови“.
Одговорил и на прашањето што ќе направи кога ќе му заврши притворот.
„Прво на мојата мајка ќе и дадам еден голем бакнеж. Проживеа тежок период од почтокот на коронавирусот. Потоа ќе го апсорбирам влијанието што го направи оваа ситуација, а потоа со иста верба и сила ќе го продолжам животот“, рекол Ронадињо.