Поранешниот фудбалер Мигуел Паишао, познат како близок пријател на Кристијано Роналдо вели дека португалската суперѕвезда сака својата кариера да ја заврши со матичниот клуб, Спортинг Лисабон.
Паишао и Роналдо заедно поминаа низ младинските школи на Спортинг, така што кога се појавија шпекулациите дека Манчестер јунајтед работи на враќање на Роналдо на „Олд Трафорд“, Паишао на социјалните мрежи сподели фотографија со дрес на Манчестер јунајтед од сезоната 2007/08, кога „Ѓаволите“ ја освоија титулата од Лигата на шампионите.
Ова беше „сигнал“ дека трансферот е навистина можен, но во средата, Паишао се појави во „Театро тиволи“ во Лисабон за да преземе награда во името на Роналдо, и посочи дека тој би сакал да стави точка на кариерата во тимот каде што започнал.
„Ако тоа е можно, мислам дека Кристијан би сакал да заврши во Спортинг. Зборува за тоа честопати и тој побара да го кажам ова во Португалија. Можноста е тука“, вели Паишао.
Неодамна, претседателот на Спортинг, Бруно Карваљо јавно посочи дека една од главните цели на тимот е наскоро да го врати 32-годишниот Роналдо во тимот кој освои 18 титули во Португалија.