Гинисовата книга на рекорди, на својата официјална страница објави дека Португалецот Кристијано Роналдо (38) е најплатениот спортист во светот во последната сезона, односно во периодот од 1 мај 2022 до 1 мај годинава, во која Форбс магазинот ја пресметува годишната заработка на спортските ѕвезди.
Роналдо во споменатиот период инкасирал 136 милиони евра, што е за шест милиони евра повеќе од сумата што ја заработил Лео Меси, на третото место е Килијан Мбапе кој заработил 120 милиони евра. Најголем дел од приходите на Роналдо се надвор од фудбалот.
Од договорот со Манчестер јунајтед за кој настапуваше минатата година и оној со неговиот нов клуб Ал Наср заработил 46 милиони евра, а 90 милиони евра од приходите дошле од договорот со Најки и неговиот бренд ЦР7. Следната сезона ќе заработува уште повеќе, бидејќи најверојатно целата ја мине на Блискиот Исток.
Роналдо потпиша двегодишен договор со Ал Наср, кој според медиумите вреди повеќе од 200 милиони евра (220,16 милиони долари), а дебитираше во јануари. Тој постигна 14 гола на 16 натпревари, но тоа не беше доволно за да му помогне на неговиот тим да ја освои титулата во лигата бидејќи Ал Наср заврши на второто место зад Ал Итихад.