Кристијано Роналдо по вторпат во својата кариера ќе игра против клубот каде што го направи името, Манчестер јунајтед, откако гостува на „Олд Трафорд“ со својот Јувентус во вторник навечер.
Неговата прес-конференција во Манчестер, нормално, предизвика огромно внимание, прво поради тоа што Португалецот играше за „ѓаволите“ од 2003 до 2009 година, а потоа и поради обвинувањата за силување од 34-годишната Американка Катрин Мајорга.
Cristiano Ronaldo walks out to see the place he made his name before his press conference today. I’m not crying, you are. pic.twitter.com/Grfo6hE1gu
— The Man Utd Way (@TheManUtdWay) October 22, 2018
„За мене е многу емоционално што сум повторно во Манчестер. Знам сѐ за овој тим, цела блескава историја. Освојував титули тука, купови, лиги, Лига на шампиони. Сер Алекс Фергусон е човек кого нема никогаш да го заборавам и сакам уште еднаш да му посакам брзо опоравување. Како се споредуваат моите тимови? Јас не го правам тоа, клубовите се фантастични. Среќен сум што играв во Манчестер, Реал Мадрид и сега во Јувентус. Сега сум среќен што сум во Јувентус, што се адаптирам на нов тим и нова лига. Моите соиграчи беа прекрасни, а многу луѓе ми помогнаа“, почна Роналдо.
Неизбежни беа прашањата околу обвинувањата на Мајорга за наводното силување кое се случило во хотелската соба во Лас Вегас во 2009 година, неговата прва година во Реал Мадрид.
„Дадов изјава пред две недели и нормално нема да лажам за ситуацијата. Моите адвокати ја завршуваат работата. Јас уживам во животот и во фудбалот, а вистината секогаш излегува на прво место. Знам дека сум пример за многу млади луѓе, на и надвор од теренот. Затоа сум насмеан. Играм во фантастичен клуб, имам фантастично семејство, здрав сум. Имам сѐ. Другото не влијае на мене“, објасни Роналдо.
Фото: ЕПА