Кристијано Роналдо (39) ја доби правната битка против Јувентус поради спорот околу платата. Јувентус ќе мора да му плати на Роналдо околу десет милиони евра плус камата. За потсетување, Португалецот побара од италијанскиот гигант да му исплати дури 19,9 милиони евра заостанати плати кои не ги добил за време на карантинот предизвикан од пандемијата на коронавирусот.
Јувентус двапати ги намали платите за време на кризата со корона. Прво во 2020 година им ги скрати платите на сите играчи подеднакво за да заштеди пари бидејќи немаше приход од билети и натпревари, а потоа во 2021 година управата разговараше со секој играч поединечно за намалување на платата.
Во тој момент Роналдо заработуваше 31 милион евра нето годишна плата и се согласи да ја одложи исплатата на речиси 20 милиони евра додека не заврши пандемијата. Јувентус никогаш не му ги платил тие пари, поради што тој го тужеше клубот.
Роналдо за Јувентус одигра 134 натпревари. Тој постигна 101 гол и забележа 22 асистенции во периодот 2018 – 2021 година.