Италијанскиот весник „Кориере дело спорт“ тврди дека Кристијано Роналдо ги открил информациите за четвртиот позитивен тест на корона вирусот на соиграчот Пауло Дибала за да избегне да се врати во Италија додека трае пандемијата.
Дибала, заедно со соиграчите Даниеле Ругани и Блез Матиуди, беа меѓу првите фудбалери во Серија А кои беа позитивни на корона вирусот, откако Аргентинецот откри на 21 март дека тој и неговата девојка Оријана Сабатини се болни. Меѓутоа, шпанските медиуми неодамна објавија дека Дибала уште не е опоравен и дека имал четврти позитивен тест на корона вирусот.
Според „Кориере дело спорт“, Роналдо намерно ги предал инаку доверливите информации за четвртиот позитивен тест, бидејќи уште е во својата татковина Португалија и не сакал да се враќа во Италија додека трае пандемијата.
Ова неверојатно објаснување доаѓа откако италијанските фудбалски шефови објавија дека може да се вратат на индивидуални тренинзи на 4 мај и на колективни тренинзи на 18 мај, а дел од клубовите во Серија А инсистираат да се продолжи сезоната.