Фудбалерите на Манчестер јунајтед, утре, ќе го пречекаат Виљареал во Лигата на шампионите. Јунајтед, сезоната во Лигата на шампионите ја започна со пораз во Берн, кај Јанг Бојс (2:1), додека Виљареал на домашен терен одигра 2:2 со Аталанта.
Натпреварот на „Олд Трафорд“, ќе биде реприза на финалето во Лига Европа. На 26.мај во Гдањск, Виљареал ја доби маратонската пенал-серија со 11:10. Претходно натпреварот заврши со резултат 1:1.
Утрешниот натпревар ќе биде петти помеѓу овие два тима. Интересно, сите досегашни завршиле без победник, а гол разликата е 1:1.
Манчестер јунајтед имаат желба да се одмаздат, а посебен мотив ќе има и Кристијано Роналдо. Во првите четири пресметки, во 2005 и 2008 година, тој не успеал да постигне гол против „жолтата подморница“.
Статистиката на Роналдо, против Виљареал, како играч на Реал Мадрид изгледа поинаку, на 15 натпревари постигнал 13 голови.
Утрешниот натпревар на „Олд Трафорд“ ќе започне во 21 часот.