Португалскиот фудбалски ас Кристијано Роналдо има намера да купи значителен дел од акциите на Валенсија и со тоа да стане мнозински сопственик на клубот од „Месталја“, пренесува „Фут Меркато“.
Истиот извор додава дека актуелниот сопственик на Валенсија, Питер Лим е подготвен да му го продаде на Роналдо мнозинскиот пакет акции во поранешниот шпански шампион и дека целата трансакција би можела да биде официјализирана до крајот на сезоната.
Се известува дека Роналдо има намера да се врати во Шпанија по завршувањето на кариерата во Ал Наср, каде играше за Реал Мадрид од 2009 до 2018 година, а неговите планови со Валенсија се тесно поврзани со инвестициски фондови од Саудиска Арабија.
Доколку се остварат тврдењата, Валенсија со текот на времето повторно би можела да стане значаен фактор во шпанскиот фудбал.
„Лилјаците“ моментално се во зоната за испаѓање со ист број бодови како и Лас Палмас, кој е прв над линијата, а следниот меч ќе го имаат в недела на гостувањето кај Осасуна во Памплона.