Кристијано Роналдо демантира дека бара нов, „подобрен“ договор и зголемена плата откако Реал Мадрид загуби со 3:1 од Тотенхем во Лигата на шампионите во средата.
Шпекулациите во шпанските медиуми велеа дека португалскиот напаѓач бара да има еднаква плата со Лионел Меси и Нејмар. Бразилецот Нејмар го направи најголемиот трансфер во историјата (222 милиони евра) и добива супер-плата во Париз, додека Меси го продолжи договорот со Барселона, исто така добивајќи повисока плата.
„Мене ми е многу добро во Реал Мадрид. Имам уште четири години од договорот и не сакам да го обновувам. Добро сум“, изјави Роналдо за „Би-Ин спортс“ по мечот на „Вембли“.
Реал Мадрид беа очајни во мечот со Тотенхем и не наликуваа на тимот кој доминантно освои две титули од Лигата на шампиони последните две сезони, и Роналдо побара неговите колеги да се вратат на победничкиот менталитет.
„Лошо е бидејќи губиме, а ние сме тим навикнат на победи. Ова е лоша серија за нас. Не се работи за тоа како играме, но фудбалот се менува. Имаме доволно време да станеме подобар тим“, додаде Роналдо.