Кристијано Роналдо признава дека нема „уште многу години во фудбалот“, но планира да освојува нови трофеи и да игра барем до својата 40-та година. 37-годишниот фудбалер на Манчестер јунајтед сака да го искористи времето што му преостанува за нови успеси во неверојатната кариера.
„Тешко е да се каже дека не сакам да играм повеќе, бидејќи сум во клуб кој ми дава шанса да освојувам повеќе работи, а зошто да не и со репрезентацијата. Знам дека немам многу години пред мене, четири или пет. Ќе видиме… Но, сакам да освојувам нови титули“, вели Роналдо за „ДАЗН“.
Португалецот вели дека е подготвен своето огромно искуство да го сподели со соиграчите во клубот и во репрезентацијата.
„Мораш да бидеш интелигенте и да сфатиш дека не е исто да имаш 18, 20 или 25 или 35 години. Тоа е зрелоста, искуството, интелигенцијата да сфатиш дека можеби ќе загубиш некои работи за да добиеш некои други. Не е лесно, но покажувам година по година дека можам да го направам тоа. Не морам да ви кажувам дека сум многу добар, бројките се тука. Фактите се факти, другото не е важно. Затоа сум задоволен од мојата форма, постигнувам голови, помагам на луѓето, во Манчестер јунајтед и во Португалија и сакам да продолжам така“, додава Роналдо.