Top Sport

Роналдо: Не сакав да заминам од Интер, но не можев да играм под Ектор Купер (видео)

Бразилскиот Роналдо открива дека немал намера да си замине од Интер, но дека се чувствувал „приморан“ на таков потег, откако клубот го поддржал аргентинскиот тренер Ектор Купер по неуспехот да се освои скудетото.

„Тој Интер беше фантастичен. Покрај Бобо Виери го имавме и Кларенс Сидорф и уште многу таленти. Но, повредите спречија да играм често со Виери и ми е жал поради тоа. Кога пристигнав имаше толку голем ентузијазам од фановите и верувавме дека можеме до прекрасни резултати. Гледам сличен ентузијазам и оваа година“, вели Роналдо.

Тој имаше низа повреди на колената во кариерата, од кои најболна беше кинењето на лигаментите само неколку минути по неговиот кам-бек во меч од Копа Италија против Лацио.

„Веднаш сфатив дека коленото ми откажа. Таква повреда немаа видено во фудбалот и првите 10 дена бев во мрак и тага. Но, некако успеав да се вратам“, објаснува Бразилецот.

„Ил феномено“ беше блиску да им донесе скудето на Интер на 5 мај 2002 година, но тогаш тие загубија со 4:2 од Лацио и Јувентус ги прескокна за титулата во последното коло.

„Честопати размислував за тој меч. Мислам дека имавме преголема самодоверба, а Купер постави погрешен тим, со премногу играчи во средниот ред. Тоа ми е едно од најголемите разочарувања во животот. Не сакав да си одам од Интер и сакав таму да ја завршам кариерата. Не можев ниту да одам кај претседателот Морати и да побарам да го отпуштат тренерот, бидејќи тоа не е мој стил. Но, со Купер не можевме да направиме ништо друго. Тој не се однесуваше добро со мене. Не знам дали со титулата ќе размислував поинаку. Кога Морати го поддржа тренерот, морав да заминам, бидејќи бев горд. Градот кој ме сакаше, одеднаш ме мразеше. Морав да добијам полициска заштита“, објаснува Роналдо.

За да биде ситуацијата побизарна, Морати на крајот го отпушти Купер во октомври 2003.

Scroll to Top