Манчестер Јунајтед се уште не знае дали Кристијано Роналдо ќе замине со тимот на претсезонската турнеја низ Тајланд и Австралија.
Како што пренесува „Скај спорт“, 37-годишниот Португалец не се појавил во тренинг центарот од семејни причини, што клубот го прифатил. Роналдо изрази желба да го напушти „Олд Трафорд“, во случај да пристигне соодветна понуда, бидејќи сака да игра во Лигата на шампионите.
Тој во понеделник требаше да им се придружи на соиграчите на првиот тренинг, но остана во Португалија каде веќе неколку дена тренира во тренинг центарот на репрезентацијата.
„Скај спорт“ пренесе дека агентот на Роналдо, Жорге Мендеш, поминал неколку недели продавајќи им го на клубпвите „Ефектот Кристијано“, обезбедувајќи им на заинтересираните страни документација за огромните спонзорства на неговиот клиент, популарноста на социјалните мрежи и влијанието на новите пазари.
Меѓу тие клубови е и Челзи, чиј нов ко-сопственик Тод Боли ја разгледува можноста за трансфер. Јунајтед инсистира дека Роналдо не е на продажба, но може да го смени тој став доколку пристигне добра понуда.
Клубот не сака таа ситуација да ја засени работата на новиот тренер Ерик тен Хаг на подготовките или претстојните трансфери.
Роналдо минатата сезона постигна 24 гола во сите натпреварувања и беше најдобар стрелец на клубот. Јунајтед ќе ја започне својата претсезонска турнеја во вторник во Бангкок против Ливерпул, а исто така ќе одигра пријателски натпревари во Австралија против Мелбурн сити, Кристал Палас и Астон Вила.