Според италијанскиот весник „Ла газета дело спорт“, Кристијано Роналдо бил првиот фудбалер на Јувентус кој го прекинал „меурот“ во кој биле поставени фудбалерите минатиот викенд за време на контроверзното одложување на мечот со Наполи.
Јуве биле во „меур“ во „Ј хотелот“ покрај нивниот тренинг-центар Ла Континаса, откако двајца членови на надворешниот тим биле позитивни на КОВИД-19 во саботата. Роналдо не се согласил да остане во хотелот до среда, бидејќи така би бил спречен да игра во пријателскиот меч на Португалија со Шпанија.
Роналдо и остатокот од тимот имале два негативни тестови на КОВИД-19, но според протоколот на Италијанската фудбалска федерација, морале да имаат уште еден негативен тест во следните денови за да можат да заминат од изолација.
Весникот тврди дека ЦР7 гласно се расправал со директорите и соиграчите и решил да си замине директно од соблекувалната на „Алијанц стадионот“ кога станало јасно дека мечот со Наполи нема да се одигра. Роналдо заминал дома кај неговото семејство, пред следниот ден да замине за Португалија.
По него, Пауло Дибала, Хуан Квадрадо, Данило, Родриго Бентанкур и Мерих Демирал го следеле неговиот пример и се приклучиле на нивните репрезентации, додека Џиџи Буфон си заминал дома.
„Бјанконерите“ ги информирале здравствените власти на Пиемонт за оваа одлука, и се верува дека тие директно ќе ги известат локалните обвинители со имињата на фудбалерите кои си заминале од изолација. Остатокот од тимот останал во „меурот“ до среда, кога завршил периодот на изолација.