Top Sport

Роналдо: Оставете го Нејмар, видете и Англичаните го прават истото

Легендата на бразилскиот фудбал, Роналдо застана во одбрана на својот сонародник Нејмар по големиот број на обвинувања дека тој е „подобар актер отколку фудбалер“. Роналдо вели дека се игнорираат сличните постапки од другите фудбалери.

Мексиканскиот селектор Хуан Карлос Осорио изјави дека Нејмар е „многу добар актер“ по 2:0 поразот во осминафиналето, а во напад на Нејмар се приклучија и поранешни фудбалери како Алан Ширер, Петер Шмајхел и Ерик Кантона.

Статистиката вели дека Нејмар поминал 14 минути на тревата во четирите натпревари досега на Мундијалот, но Роналдо вели дека судиите треба да го заштитат неговиот сонародник.

„Има многу начини да се гледа фудбалот и да се интерпретира. Јас сум против таквите оценки за Нејмар. Тој е интелигентен фудбалер и знае како да се брани, но судиите не прават доволно. Кога луѓето постојано ме удираа мене, нормално дека чувствуваш дека не е фер. Критиките се глупави. ТВ шоута и весниците само сакаат да пополнат простор“, вели Роналдо.

Но, дел од критичарите посочија дека не се работи само за Нејмар, туку на пример и за англиските фудбалери во победата над Колумбија. Џордан Хендерсон се фати за челото откако беше удрен под брадата, додека Хери Мегвајр имаше засрамувачки обид да изнуди пенал.

Менаџерот на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо исто така го посочи Мегвајр кој „обично е многу искрено момче“.

„Луѓето се фокусираат на Нејмар, но да беше само тој ќе бевме среќни. Секој тим има свои актери, тие кои се преправаат и сакаат да постават притисок на судијата. За мене тоа е негативна работа на ова првенство“, објасни Мурињо.

Scroll to Top