Top Sport

Миранда: Одбраната на Бразил е „италијанска“

Дефанзивецот на Интер и на бразилската репрезентација, Жоао Миранда вели дека за првпат по подолго време „селесао“ има супер-цврста одбрана бидејќи „научиле многу од Серија А за бранењето“.

Бразил се наоѓа пред дуел со моќната Белгија во петок во четврт-финалето на турнирот, и останува прв фаворит за шеста титула од СП, откако досега во четири натпревари примија само еден гол, во првиот натпревар против Швајцарија, кој заврши 1:1, по што ги победија Костарика, Србија и Мексико со 2:0.

„Овој тим на Бразил е многу различен од тој во минатото. Дефанзивно сме многу силни, примаме малку голови и во секој момент од мечот знаеме дека нашите напаѓачи можат да дадат гол. На ова СП, тимовите се посебно добро организирани во одбраната“, вели Миранда во интервју за „Ел паис“.

Миранда настапува за Интер, голманот Алисон Бекер за Рома, додека Тијаго Силва има доста искуство во Италија со настапите за Милан, иако сега игра во ПСЖ.

„Може да се каже дека ова е италијански стил од бразилската репрезентација, бидејќи сега се фокусираме на одбраната. Тијаго Силва и јас научивме многу во Серија А“, вели 33-годишниот Миранда, кој дојде во Интер од Атлетико Мадрид во 2015 година.

Фото: ЕПА

Scroll to Top