Ѕвездата на Јувентус, Кристијано Роналдо, признава дека никој во Јувентус не е задоволен од 1:0 поразот од Лион во првиот меч од осминафиналето на Лигата на шампионите, но сигурен е дека во Торино овој резултат може да биде надминат.
„Бјанконерите“ беа критикувани за поразот во Франција, и тоа не само поради резултатот, туку поради начинот на игра, откако не успеаја да упатат ниту еден удар во рамките на голот на противникот, што им се случи првпат во европските натпреварувања од 2006 година.
„Такви работи се случуваат, тоа е фудбалот. Секако, никој не е задоволен што загубивме, но тоа е нормално. Мечевите во Лигата на шампионите се навистина тешки, но имаме домашен меч пред нас и самодовербата е тука. Можеме да се квалификуваме, но првата должност ни е следниот меч во Серија А. Подготвени сме за Интер“, вели Роналдо во интервју за „Скај спорт Италија“.