Кристијано Роналдо предизвика огромна дискусија, посебно во САД, откако посочи дека неговата Саудиска Про лига е подобра од американската МЛС лига, каде што никогаш нема намера да заигра, во директен удар кон неговиот вечен ривал Лионел Меси.
По вчерашниот 0:5 пораз на неговите Ал-Наср од Селта Виго во неговата родна Португалија, Роналдо го кажа своето мислење за насоката во која се движи светскиот фудбал, по многубројните трансфери во саудиските клубови, како и преселбата на Меси во Интер Мајами.
„Саудиската лига е подобра од МЛС. Јас отворив пат кон саудиската лига и сега сите играчи доаѓаат тука. Во една година многу повеќе играчи дојдоа во Саудиска Арабија отколку во било која лига. За една година Саудиската лига ќе биде подобра од турската и холандската“, вели Роналдо.
Карим Бензема, Марцело Брозовиќ, Н’Голо Канте, Сергеј Милинковиќ-Савиќ и Роберто Фирмино се последните големи имиња кои се преселија во Саудиска Арабија. Роналдо посочи дека нема да се врати во Европа, бидејќи смета дека нивото на европските лиги е во надолна линија.
„100 отсто сум сигурен дека не се враќам во европски клуб. Имам 38 години, а европскиот фудбал загуби многу квалитет. Единствена валидна и добра лига е Премиерлигата. Тие се далеку пред другите лиги“, вели Роналдо.