Кристијано Роналдо до вечерва немаше дадено ниту еден гол на тимот на Џирона, но, сега ги почести со четири гола за 6:3 победа за враќање на третото место во Ла лига.
Покрај, тоа ова е неговиот јубилеен 50. хет-трик во кариерата, со што фудбалерот кој самиот изјави дека нема да се роди друг како него, покажува дека уште не е за фрлање.
Роналдо ги донесе Реал во водство во 11. минута, но Кристијан Стуани израмни во 29. минута за каталонскиот тим на полувреме да отиде со ветувачки 1:1. Но, надежите бргу беа урнати во второто полувреме, откако Роналдо (47.), Карвахал (59.) и пак Роналдо (64.) го поставија клубот на Зинедин Зидан на вистински план.
Стуани во 67. минута го намали резултатот на 4:2, но Герет Бејл, кој влезе во игра во 70. минута, постигна уште еден гол за „Лос бланкос“ во 86. минута за 5:2. Гол-шоуто не заврши тука – Хуанпе во 88. минута намали на 5:3, пред Роналдо да го постави конечниот резултат во 91. минута од мечот!
Со победата, Реал Мадрид се врати на третото место во Ла лига со 60 поени, еден повеќе од Валенсија и сега само четири помалку од Атлетико Мадрид. Барселона е прва со недостижни 75 поени. Џирона останува на респектабилното седмо место со 43 поени.