Top Sport

Роналдо: Уште не сум готов, одиме на титула

Кристијано Роналдо го предупреди фудбалскиот свет дека има уште трофеи за освојување и покрај неговите 34 години, откако постигна хет-трик против Швајцарија за Португалија да се пласира во финалето на Лигата на нации на УЕФА, каде што утре ќе се судри со Холандија.

„Уште се чувствувам многу добро и покрај 34-те години. Најважно е како ти е во главата, да се чувствуваш мотивирано и среќно, да си го следиш својот пат. Секогаш е чест да се вратам во националниот тим. Португалија е мојата земја и да се носи овој дрес е вистинска чест. Головите и победите се само цреша на тортата“, вели Роналдо во интервју за УЕФА.

Противник во финалето во Порто утре ќе им биде талентираната и опасна Холандија, која со 3:1 ја совлада Англија по продолженијата во второто полуфинале. За Роналдо ова ќе е трето големо финале – по поразот од Грција на Евро 2004 и победата над Франција на Евро 2016.

„Холанѓаните имаат одличен тим и играат навистина добро. Има млади фудбалери, но и поискусни и затоа се толку силни. Ова ќе ми биде трето финале и се надевам на втора победа. Играме дома, публиката ќе биде тука и мислам дека ќе можеме да станеме шампиони“, додава Роналдо.

Scroll to Top