Top Sport

Роналдо во јануари заминува од „Олд Трафорд“

По мачните летни месеци кога пропушти дел од подготовките, правдајќи го отсуството со лични причини, Кристијано Роналдо би можел да го напушти Манчестер јунајтед во зимскиот преоден рок.

Португалскиот напаѓач сакаше клуб кој ќе биде конкурентен во првенството и Лигата на шампионите, што Јунајтед во овој момент не е. Гигантот од „Олд Трафорд“, по осум кола во Премиер лигата со еден одигран натпревар помалку веќе заостанува девет бода зад лидерот Арсенал.
Во последното коло го загуби градското дерби против Манчестер сити со 3:6, со тоа што до 84. минута заостануваше пет гола. Роналдо тој меч го следеше од клупата и се уште го чека првиот гол сезонава во Премиер лигата.

Сè уште со желба да се бори за титули и фрустриран од минутажата што ја има во клубот, Роналдо не се откажа од идејата да го напушти Јунајтед. Во летниот преоден рок неговиот агент им ги понуди неговите услуги на повеќе клубови, но никој не беше заинтересиран, најмногу поради платата што ја има Португалецот.

Нов обид ќе има во зимскиот преоден рок.

„Дејли телеграф“ наведува дека клубот ќе биде подготвен за нови преговори во јануари и ќе се обиде да го искористи тоа што договорот на незадоволниот Роналдо истекува на крајот од сезоната. Се посочува и дека доколку Роналдо го сака тој трансфер ќе мора да се согласи на драстично намалување на платата во новиот клуб.

Scroll to Top