Top Sport

Ругери: Навивачите на Бока ми ја запалија куќата поради Ривер Плата

Големите фудбалски ривали, Ривер Плата и Бока Јуниорс, в недела во Мадрид, ќе го одиграат финалниот реванш во Копа Либертадорес. Првиот меч на теренот на Бока заврши 2:2, а реваншот, чии домаќин требаше да биде Ривер на 11.ноември не се одигра, поради инцидентите што ги предизвикаа хулиганите на овој клуб.

Аргентинското дерби е најголемата градската пресметка во светот на фудбалот, најчесто е повеќе од фудбал. Дербиот наречено „Суперкласико“, прв пат во историјата ќе се игра во Европа. Домаќин ќе биде Мадрид, односно стадионот на Реал.

Во пресрет на дербито, новинарите на „Марка“, разговарале со еден од ретките играчи кој во кариерата настапувал за двата клуба. Станува збор за поранешниот репрезентативец и светски првак со Аргентина, Оскар Ругери.

Овој фудбалер бил играч на Бока, а потоа направил трансфер во Ривер. Навивачите на Бока Јуниорс, поради тој трансфер му се одмаздиле на суров начин.

„Играв за двата клуба, морам да признаам дека ми одлично ми беше и во Бока и во Ривер. Меѓутоа кога направив трансфер од Бока во Ривер, тогаш тоа беше невиден скандал. Навивачите на Бока дознаа каде живеам, а потоа ја запалија куќата, во неа беа моите родители. За среќа никој не настрада. Потоа морав да разговарам со нивниот водач, кој потоа ги среди работите“, раскажал Ругери.

За дербито в недела рекол дека не може да го прогнозира победникот.

„Ќе биде интересен меч. Ривер можеби игра подобро, но Бока е ефикасна, нејзините играчи од ништо знаат да направат шанса и да постигнат гол“, заклучил поранешниот Бока Јуниорс и Ривер Плата.

Scroll to Top