Португалската фудбалска легенда, Руи Коста верува дека неговите поранешни клубови, Фиорентина и Милан ќе ги остварат целите за сезоната 2019/20 и покрај проблемите и смените на тренерите, и исто така е пресреќен што Златан Ибрахимовиќ ќе се врати во Милан.
Руи Коста играше покрај Стефано Пиоли во Фиорентина во текот на 1990-тите и има целосна доверба во тренерот на Милан.
„Го сакам Стефано и му должам многу во мојата кариера. Кога пристигнав во Фиренца бев нов и живеев веднаш до него. Тој не беше само колега, туку и пријател кој ми помогна во многу ситуации. Имам голема почит кон него, како човек и како тренер. Сигурен сум дека ќе ги врати Милан на врвот“, вели Руи Коста во интервју за „Кориере дело спорт“.
Во Фиорентина пак, исто така имаше промена на тренерот и Бепе Јакини го смени Винченцо Монтела по лошиот старт на сезоната.
„Не сум играл со Јакини, бидејќи тој замина истото лето кога потпишав за Фиорентина. Но, сепак, го познавав и го почитував. Има уште многу од сезоната, за Милан и за Фиорентина – Виола ќе бидат сигурни, а ’росонерите’ ќе завршат во Европа, сега го имаат Ибра. Годините не се важни и тој на 38 години ќе покаже дека е во форма. Таква ѕвезда го менува менталитетот на тимот и тој може да ги повлече сите во Милан“, додава Португалецот.