Полскиот репрезентативец, Роберт Левандовски, ќе остане во Баерн Минхен и оваа сезона, иако неколку клубови покажаа интерес за неговите услуги.
Левандовски имаже желба да го напушти Баерн, меѓутоа по изјавата на тренерот Нико Ковач, дека напаѓачот ќе остане во Минхен, со ист став се огласија и клупските челници.
„Нема да го пуштиме ниту за 150 милиони евра. Тоа му го соопштивме. Ние не сме како некои клубови што се подготвени да го пуштат играчот штом ќе добијат добра понуда“, рекол претседателот на Баерн, Карл-Хајнц Румениге.
Левандовски (29), во Минхен пристигна пред четири години како слободен играч од Борусија Дортмунд. За Баерн има постигнато 106 гола на 126 одиграни натпревари.