Top Sport

Руни: Фудбалерите на Јунајтед треба да се плашат од Оле

Вејн Руни вели дека тренерскиот тим на неговиот поранешен соиграч Оле Гунар Солскјер мора да влее страв во соблекувалната на Манчестер јунајтед бидејќи е очигледно дека фудбалерите на „ѓаволите“ се задоволни да се „кријат зад грбот на тренерот“.

По фантастичниот старт на тренерската кариера во Јунајтед во декември по отпуштањето на Жозе Мурињо, Солскјер и неговиот тим имаа катастрофален финиш на сезоната, завршувајќи со 0:2 пораз од веќе испаднатиот Кардиф. Јунајтед нема да игра во Лигата на шампионите следната сезона бидејќи беа само шести, и Руни вели дека слично како во ерата на Сер Алекс Фергусон, стравот треба да биде присутен во соблекувалната.

„Секогаш е тешко да се гледа кога Манчестер јунајтед се мачи со резултатите. Кога дојде Оле заврши фантастична работа и се виде дека фудбалерите добија малку слобода и тие го сакаа тоа и победуваа. Но, потоа, одеднаш, не знам зошто, тргна наопаку и тоа ги чинеше скапо. Според мене, фудбалерите треба да се плашат од некого. Треба да се плашат од Оле Гунар, треба да се плашат од Мајкл Керик, треба да ги почитуваат и да се плашат“, вели Руни, кој сега фудбалскиот леб го вади во Ди Си јунајтед во МЛС лигата.

Руни исто така посочува дека модерните фудбалери прелесно се „извлекуваат“ по лошите партии.

„Тоа е поради промената на самото општество. Сега има социјални мрежи. Има фудбалери кои ќе загубат и потоа ќе постираат нешто за својата облека или за афтершејвот кој го користат, што е зачудувачки. Кога ќе реагираат фановите, тие велат дека се работи за грешка на тие кои го водат маркетингот. Преземете ја одговорноста. Овие фудбалери сакаат да се кријат зад некого, дали на социјалните мрежи, дали на теренот“, вели Руни.

Scroll to Top