Легендата на Манчестер јунајтед, Вејн Руни вели дека неговиот поранешен клуб мора да „тргне“ со сите сили да го ангажира Маурисио Почетино од Тотенхем како следен менаџер, избирајќи го Аргентинецот пред неговиот поранешен соиграч Оле Гунар Солскјер.
33-годишниот фудбалер на Ди Си јунајтед, додава дека Солскјер завршил одлична работа откако го замени Жозе Мурињо, но признава дека ако бирал тој, на клупата ќе бил Почетино.
„Прво, мора да се даде шанса на Оле и тоа треба да го направи семејството Глејзер, сопствениците на Јунајтед. Но, ако јас бев тој што избирав, ќе тргнев силно по Почетино. Милсам дека Манчестер јунајтед во последните 20-30 години, имаат основа во младите фудбалери кои поминале низ школата и мислам дека Почетино го вади максимумот тука. Видовме какви фудбалери направи во Тотенхем, и знаеме дека ќе им даде шанса на младите“, вели Руни во интервју за „ЕСПН“.
Руни, најдобриот стрелец во историјата на Јунајтед поголемиот дел од кариерата работеше под Сер Алекс Фергусон, но беше во тимот и под неговите наследници, Дејвид Мојс, Луис ван Гал и Жозе Мурињо. Тој има одговор зошто тие не успеаја.
„Не беше убаво да се гледа Манчестер јунајтед последната година и знам дека фудбалерите не беа среќни, не уживаа во тоа што го прават. Немаа доволно слобода. Да ги земете Кристијано Роналдо и Лионел Меси и да им кажувате – правете вака и вака, и тие нема да се истите фудбалери. Кога играте за Манчестер јунајтед, морате да уживате“, додава Руни.