Репрезентацијата на Македонија до 21 година, попладнево ќе го одигра петтиот натпревар од квалификациите за Европското првенство кое ќе се одржи во 2019 година во Италија. Селекторот на У-21 селекцијата, Благоја Милевски, во однос на претходните натпревари изврши неколку промени, но очекува неговите избраници да прикажат добра игра.
„Секако дека не само Русија, туку и останатите репрезентации во групата ако ги потцените или ги прецените, ќе имате проблем на самиот натпревар. Што се однесува до натпревар против репрезентацијата на Русија не треба да трошиме зборови за нивниот квалитет. Се работи за силен тим, составен од фудбалери кои играат во прволигашки клубови во Русија. Значи имаат квалитет. На спротивната страна, ние сме во ситуација да создаваме нова екипа, по натпреварот со Австрија, најави кој веќе ги остваруваме. Во почетните единаесет од тие кои го почнаа натпреварот со Австрија ќе има само двајца, евентуално тројца во зависност од временските услови што ќе ги имаме утре“, изјави селекторот на Македоника, Благоја Милевски.
Натпреварот меѓу Македонија и Русија се игра денес од 14.00 часот на тренинг-центарот „Петар Милошевски“.