Русија игра како „препородена“ по домашното Светско првенство, каде што изненадувачки стигна до четврт-финалето, откако во пријателски меч во Ростов со 5:1 ги „поплавија“ Чесите.
Победникот на мечот беше решен уште во првите половина час од пријателскиот меч, во кој тимот на Станислав Черчесов постигна три гола. Алексеј Јонов стрелаше уште во осмата минута, Антон Заболотњи зголеми на 2:0 во 24. минута, по што Јонов во 29. минута додаде уште еден гол од пенал.
Во второто полувреме, Чесите намалија на 3:1 преку Соучек во 74. минута, пред „зборнаја“ да удри уште двапати, преку Ерохин и Полоз. За Русија ова е втора победа по домашното СП, откако во првиот меч од Лигата на нациите ја совладаа Турција на гости со 2:1.