Фудбалската репрезентација на САД ја одбрани титулата во Лигата на нации за Северна и Централна Америка и Карибите (КОНКАКАФ).
Американците, во финалето, ја победија Канада со 2:0. Финалниот натпревар се одигра во Лас Вегас.
Двата гола Американците ги постигнаа во првото полувреме, стрелци беа Крис Ричардс во 12. минута и Фоларин Балогун во 34. минута. Асистент за двата гола беше Џовани Рејна.
Ова е втора титула за репрезентацијата на САД, а тие беа победници пред две години кога се одржа првото издание на Лигата на нации КОНКАКАФ.
Третото место на турнирот го освои селекцијата на Мексико. Мексиканците славеа против Панама со голот на Хесус Гаљардо во четвртата минута.
Наградата за најдобар играч на турнирот ја доби репрезентативецот на САД, Кристијан Пулишиќ.