Ѕвездата на Арсенал, Букајо Сака преку Инстаграм се извини на навивачите на „топчиите“ откако утна клучен пенал против Вест хем во неделата. Англичанецот имаше шанса да даде гол за 3:1 водство на стартот на второто полувреме, но целосно го утна голот, за нееколку минути подоцна Вест хем да израмнат на 2:2, како што мечот заврши и Манчестер сити добија предност во трката за премиерлигашката титула.
„Без разлика на исходот, секогаш ќе ја прифатам мојата одговорност. Извинување ‘топчии’, ќе направам што е потребно да го исправам тоа“, вели Сака.
Арсенал сега имаат четири поени пред Сити, но тимот на Пеп Гвардиола има меч помалку, а на 26 април ги пречекуваат Арсенал на „Етихад“ во можеби одлучувачкиот меч на сезоната.
Сака, пак, нема среќа со пеналите – тој беше еден од англиските фудбалери кои во 2021 утнаа во пенал-серијата во финалето на Европското првенство на „Вембли“ против Италија, по што беше предмет на расистички навреди од голем број на фанови на социјалните мрежи.