Легендарниот поранешен тренер на Милан, Ариго Саки верува дека „росонерите“ покажуваат дека може да се „расте“ и без трошење на огромни средства, поддржувајќи ја „позитивната работа“ на тренерот Стефано Пиоли.
Милан минатата сезона ја завршија на второто место во Серија А за да се врати во Лигата на шампионите, и Саки вели дека ги дели „вредностите“ на тимот.
„Милан растат на позитивен начин. Се работи за млада група на фудбалери поддржана со позрели елементи, како Златан Ибрахимовиќ и Оливие Жиру. Проектот посебно го ценам бидејќи се реализира со почитување на ограничениот буџет“, вели 75-годишниот Саки во интервју за „Ла газета дело спорт“.
Саки ја освои титулата во Серија А со Милан во својата дебитантска сезона во 1988 година, по што тој тим на „росонерите“ доминираше во Европа со две титули од ЛШ во 1989 и 1990. Потоа, тој беше селектор на Италија од 1991 до 1996, по што се врати за уште една сезона во Милан.