Напаѓачот на Ливерпул, Мохамед Салах вели дека е „возбуден и посветен“ да има уште поголем успех оваа сезона, откако лани доби репутација на еден од најдобрите фудбалери на светот со 44 гола во сите натпреварувања.
По ова, тој беше почестен како најдобар фудбалер во Премиер лигата, ја освои златната копачка во ПЛ, и го предводеше Египет до прво СП по 28 години.
„Цела година беше навистина прекрасна. Сите мои соништа и цели беа да станам познат професионалец, но не мислев дека ќе стигнам до нивото кое сум сега. Секое дете сонува да е на телевизија, но кога првпат успеав во тоа целите се сменија. Сакав да бидам професионалец и да бидам најдобар“, вели Салах во интервју за магазинот „Џи кју“.
25-годишниот Египќанец вели дека сега е време да ја повтори лудата сезона со Ливерпул.
„Наградите ме мотивираат да работам понапорно и да продолжам да бидам важен на теренот. Ако ти паднат стандардите, тогаш веднаш ќе те забележат. Зад мене е историска, фантастична сезона 2017/18, на која сум горд, но сакам уште една таква“, додава Салах.