Фановите на Манчестер јунајтед сметаат дека се пропуштила голема шанса да се донесе Ерлинг Халанд на „Олд Трафорд“, но неговиот татко вели дека само менаџерот Оле Гунар Солскјер го сакал овој трансфер.
Алф Инге Халанд нема по добро да се сеќава на Манчестер јунајтед, откако нивниот поранешен капитен Рој Кин со брутален фаул му ја заврши фудбалската кариера, но тоа не пречеше тој да преговара со првите луѓе на „ѓаволите“ за можен трансфер на неговиот син.
Но, во јануари, Ерлинг Халанд потпиша за Борусија Дортмунд, постигнувајќи неверојатен број на голови во малкуте натпревари пред паузата поради корона вирусот. Постариот Халанд вели дека клубот е сам виновен.
„Никогаш не можеш да знаеш како би било во другите клубови. Можеби и таму ќе беше добро, но немаме одговор. Засега, ние сме задоволни од кариерата на Ерлинг. Мораш да одиш во клуб каде што целиот клуб те сака, а не само тренерот“, вели Алф Инге Халанд.
Се верува дека Јунајтед не сакале да платат откупната клаузула од 20 милиони евра на Ред бул Салцбург за тинејџерот, но и дека ги одбиле неговите барања за висока плата.