Капитенот на Реал Мадрид и на шпанската репрезетнација, Серхио Рамос откри дека тој и неговото семејство добивале закани за смрт по финалето на Лигата на шампионите со Ливерпул во мај.
32-годишниот Рамос беше исвиркуван при секој допир со топката во мечот од Лигата на нации на „Вембли“, каде што Шпанија ја победи Англија со 2:1. Ова јасно беше реакција на стартот над Мо Салах при 3:1 победата на Реал над Ливерпул во Киев, за кој многумина сметаа дека е намерен.
„Се обидуваш да ги избегнеш свирежите, но на крајот ги чувствуваш и остануваш надвор од сѐ. Тоа не влијае на мојата игра. Посакував поинаков прием, бидејќи луѓето се сеќаваат само на тоа финале, а никој не зборува за заканите со смрт за мене, моето семејство и моите деца. Тоа е чувствителна тема, но луѓето мислат дека е шега и затоа ми свиркаат. Совеста ми е чиста. Веќе објаснив што се случи и немам што друго да кажам. Никогаш не сум се обидувал да повредам колега. Нема да сменам ништо во мојата игра“, објаснува Рамос.