Top Sport

Само во Јужна Америка – ВАР-црвен картон пред почетокот на мечот!

Дуелот од Суперкупот на Парагвај помеѓу Серо Портењо и Олимпија ни го донесе можеби најбизарниот црвен картон добиен со помош на ВАР-системот – бразилскиот голман на Серо, Жан Фернандеш доби црвен картон уште пред да почне мечот.

Фернандеш доби црвен картон за заканувачко гестикулирање кон навивачите на Олимпија, откако излезе на „Дефенсорес дел Чако“ стадионот и одговори на навредите од фановите. Судијата Ебер Акино реши да ја провери ВАР снимката и да му даде црвен картон. На крајот Олимпија стигна до 3:1 победа.

Фернандеш се правдаше дека ваква гестикулација е нормална во Бразил.

„Направив гест кој е нормален во Бразил. Кога го оставав крстот на голот, нешто што секогаш го правам, тие почнаа да фрлаат со работи со нас. И одговорив. Фудбалерот Жерсон слави вака постојано во Бразил, тоа го нарекуваме вапо, по движењето во фанк музиката. Не знам што мислеше судијата“, вели Фернандеш.

Инаку еден од головите на Олимпија го постигна 40-годишниот Роке Санта Круз, по што потврди дека ќе продолжи со фудбалот, но дека ова му бил последен меч во Олимпија, за кои одигра 392 меча и постигна 92 гола.

Scroll to Top