Селекторот на Аргентина, Хорхе Сампаоли е сигурен дека Аргентина ќе влезе во осминафиналето на Мундијалот со победа над Нигерија предизвикувајќи ги своите играчи да „напишат нова страница во историјата“ во Санкт Петербург.
Поразот од 3:0 од Хрватска минатата недела, во јужноамериканската нација беше доживеан како национална катастрофа, и сега само со победа над Нигерија на „Крестовски“ и со надеж дека Хрватска нема да загуби од Исланд може да се оди понатаму.
Шпекулациите околу атмосферата во репрезентација беа сурови и тврдеа дека се случил бунт против Сампаоли, но поранешниот селектор на Чиле на прес-конференцијата размислуваше само на победа.
„Имавме тешка недела по тој пораз, кој многу болеше. Сега се наоѓаме пред последниот меч со многу мотиви за игра. Не можам да зборувам за одредени ситуации, бидејќи беа кажани многу лаги и измислени многу глупости. По поразот од Хрватска ја прифатив одговорноста. Следниот ден како секој тренер, мислев само на победа во следниот меч. Сигурен сум дека ќе победиме и дека ќе напишеме нова страница во историјата на аргентинската репрезентација“, изјави Сампаоли.
Тој не демантираше дека фудбалерите и тренерите разговарале по поразот, но го нападна „виртуелниот свет“ на шпекулации, велејќи дека го натерале да се чувствува како криминалец.
„На мене лично, тој виртуелен свет не влијае. Се обидувам да не обрнувам внимание на тоа, но свесен сум дека многу луѓе се дел од тој свет. Таму нема факти. Јас морам да се соочам со тоа дека Аргентина не победи против Хрватска. Другите коментари се криминални“, вели Сампаоли.
Фото: ЕПА