Манчестер јунајтед се пласираше во финалето на ФА купот, каде што тимот на Жозе Мурињо ќе ја брка единствената титула оваа сезона, откако на „Вембли“ инспирирани од Алексис Санчез направија пресврт за 2:1 победа над Тотенхем.
Иако Тотенхем оваа сезона го користи „Вембли“ како заменски стадион додека не се комплетира обновата на „Вајт харт лејн“, овојпат атмосферата беше поинаква. Деле Али уште во 11. минута ги донесе Спарси до водство по одличното нафрлање на Ериксен, меѓутоа Алексис Санчез, омразен кај фановите на Тотенхем како поранешен играч на Арсенал, успеа да им даде гол со глава по додавањето на Погба иако има само 169 сантиметри.
Конечните 2:1 ги постави Андер Ерера по една брза акција пред голот на Љорис, за Јунајтед да добијат шанса да се борат за одбрана на титулата која ја освоија лани. Утре во второто полуфинале играат Челси и Саутемптон.
Фото: ЕПА