Не помина цела година откако Фернандо Сантош си замина од селекторската функција на португалската репрезентација. Иако во меѓувреме стана, но и престана да биде селектор на Полска, новинарите на португалскиот портал „А Бола“ решија да го „донесат“ на големо интервју.
Сантос и понатаму е португалскиот тренерски бренд, човекот кој за осум години ги доведе до титулата европски првак и освојувач на Лигата на нации. Посебна приказна се врти околу Кристијано Роналдо со кој, како што самиот кажа, не разговарал од крајот на Светското првенство, кога и самиот си замина.
„Јас и тој повеќе не разговараме. Долга е приказната, не знам ни точно од кој ден. Но, знам дека не сме разговарале откако дојдовме од Катар“, ја започна својата приказна 69-годишниот тренер.
Можеби причината е осминафиналниот натпрвар со Швајцарија на СП во Катар? Сантош реши да го остави Роналдо на клупата за резерви, а неговата замена Гонсало Рамос постигна три гола…
„Не, нема врска со тој натпревар. Имав силна врска со Кристијано, а не само деловна. Се запознавме во Спортинг кога имаше 19 години. Тој однос достигна уште повисоко ниво откако тој беше повикан во репрезентацијата, а јас станав селектор. Бевме како татко и син, или како постар и помал брат. Нема врска со ништо од Светското првенство. Направив потег за кој мислев дека е добар, стратешки во тоа време. Мора да го разберете тоа“, изјави Сантос.
„Неговата 2022 година не беше најдобра. Да, реков дека е најдобар на светот, но имаше очајни, ужасни шест месеци. Прво, доживеа семејна трагедија, која имаше големо влијание врз него и во спортот. Не ги мина подготовките, не играше два месеци. Потоа се врати во Манчестер, каде што воопшто не беше искористен. Физички, тој сè уште беше на врвно ниво, никогаш нема да престане да биде, а јас го познавам подобро од кој било. Но, кога беше во прашање играта, тој беше на најниско ниво. Воопшто немаше ритам.
Дали и би го направиле истото денес?
„Да! Морав да мислам на тимот на СП, а не на поединецот. Според мене оставањето на клупата за Швајцарија беше стратешка одлука, најдобра за сите во тој момент. Одлуката не беше лесна. Тоа не значеше дека Кристијано нема да дојде од клупата или да го игра следниот натпревар како што беше, но јас не го ставив во игра против Швајцарија речиси до крајот бидејќи ни одеше одлично. Но, ако требаше, ќе влезеше и ќе го решеше натпреварот“.
Португалија ги победи Швајцарците со 6:1, но во четвртфиналето беше елиминирана од Мароко.
„Верувам дека јас и Кристијано ќе се сретнеме и ќе разговараме еден ден. Не се каам за моите одлуки, знам дека некои работи можеби го повредиле. Можеби и денес е лут поради тоа. Се надевам дека не, дека се ќе се смени. Јас сум трпелив, сигурен сум дека тоа ќе се случи“ изјави Сантос.